Македонија со пораз од Португалија ги загуби сите шанси за место во осминафиналето

by

in

Македонската одбојкарска репрезентација го претрпе и четвртиот пораз на Европското првенство, со што и дефинитивно остана без шанси за пласман во осминафиналето.

Нашите одбојкари загубија од Португалија со убедливи 3-0, по сетови 25-13, 26-20 и 25-20. Португалците со оваа победа останаа во трка за четвртото место во групата и продолжување во следната фаза.

Македонија добро парираше само во делови од вториот и третиот сет. Првиот сет Португалија го отвори со 3-0, а Македонија успеа да израмни на 6-6. Следуваше серија од 9-2 на противникот, по која прашањето за победникот практично беше решено.

Во вториот сет долго се играше израмнето, до резултат 16-16. Тогаш повторно следуваше пад во играта на македонската селекција. Португалците направија серија од четири поени и без поголеми проблеми го приведоа сетот до крај за водство од 2-0.

Најголема можност за враќање во мечот Македонија имаше во третиот сет. Избраниците на македонскиот селектор во неколку наврати имаа предност од три поени, но не успеаја да ја задржат. Португалија израмни на 10-10, а потоа направи и разлика која до крајот беше доволна за конечни 3-0.

За Македонија останува уште еден натпревар на Европското првенство. Нашата репрезентација утре од 15 часот ќе се сретне со Израел, но овој дуел нема резултатско значење за македонската селекција, која веќе ги загуби шансите за пласман меѓу најдобрите четири во групата. Мечот, пак, е исклучително важен за Израел во битката за место во осминафиналето.


Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *