Македонската А репрезентација во сабота, 26 септември, на домашен терен го отвора новиот циклус во Лига Б против Швајцарија. По дуелот во Скопје, избраниците на Гоце Седлоски ги очекуваат уште три натпревари во краток временски период, гостувањето кај Словенија на 29 септември, домашниот дуел со Шкотска на 3 октомври и вториот натпревар против Швајцарија, на 6 октомври во Луцерн.
За Ѓорге Џеков, претстојниот период има посебно значење. Младиот фудбалер за првпат е дел од сениорската репрезентација и со голема мотивација го очекува своето деби во националниот тим.
„Чест и задоволство ми е што првпат сум дел од нашата А репрезентација. Знаеме со каков противник ќе се соочиме во сабота. Швајцарија е одлична репрезентација, четвртфиналист на Светското првенство, со многу квалитетни играчи“, вели Џеков.
Македонскиот репрезентативец очекува тежок натпревар, но верува дека со максимален ангажман и дисциплинирана игра може да се стигне до позитивен резултат.
„На нас е да ги исполниме очекувањата на стручниот штаб и да го дадеме максимумот на теренот. Според мене, клучни ќе бидат дефанзивата, агресивноста и пристапот во играта, за да оствариме позитивен резултат против Швајцарија, но и против останатите селекции“, истакнува Џеков.
Првиот предизвик е веќе во сабота на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, каде Македонија ќе има можност со добар резултат да го започне настапот во новиот циклус од Лигата на нации.

Leave a Reply