Ракометниот клуб Вардар доби официјално предупредување од Европската ракометна федерација (ЕХФ) поради недолично однесување на дел од навивачите на натпреварот против Нант.
Од клубот информираат дека и покрај одличната атмосфера на трибините и позитивната слика што беше испратена од Скопје, поединци фрлале забранети предмети на теренот. Случајот предизвикал реакција од дисциплинските тела на ЕХФ, кои јасно ставиле до знаење дека нов инцидент на европските натпревари може да донесе сериозни финансиски санкции за Вардар.
Поради тоа, „црвено-црните“ упатија апел до своите навивачи да продолжат со поддршката, но без постапки со кои би можеле да му наштетат на клубот.
„Со секоја несоодветна постапка се нарушува сликата што заеднички ја градиме, а клубот претрпува и директна финансиска штета. Навивачите се нашата најголема сила и мотив на домашните натпревари, па ги повикуваме сите симпатизери да навиваат достоинствено, со почит кон противникот и сите присутни во салата“, стои во соопштението на Вардар.
Следната можност за навивачите да го поддржат Вардар во европски натпревар е дуелот со Висла Плоцк, кој ќе се одигра на 8 октомври во СЦ „Јане Сандански“.

Leave a Reply