Maкедонскиот кикбоксер, Бобан Илиоски по паузата која ја имаше ќе се врати во рингот и тоа со голем предизвик откако потпиша договор со организацијата „Глори“.
Информацијата за продолжување на кариерата Илиоски ја соопшти на социјалните мрежи, а набрзо потоа беше откриено и кој ќе биде неговиот противник.
„Ова е голем чекор за мене, но и врата што се отвора за сите млади македонски кикбоксери кои сонуваат еден ден да стигнат до најголемата сцена. Сакам да покажам дека со многу работа, жртва, дисциплина и верба во себе соништата можат да станат реалност. За мене ова е остварување на долгогодишен сон. Зад овој момент стојат безброј тренинзи, откажувања, падови, станувања и моменти во кои морав да продолжам и кога беше најтешко. Ова е огромна работа за мене, но и за моето семејство, кое беше со мене од самиот почеток и веруваше во мене кога можеби никој друг не веруваше. Од срце сакам да им се заблагодарам на сите кои на било каков начин ми помогнале да стигнам до овој момент на моите тренери,пријатели, луѓе кои ме поддржувале, како и на сите што верувале во мене и во мојот сон“, објави на социјалните мрежи.
Дебито во новата организација Илиоски ќе го има за помалку од еден месец и тоа против Мароканецот, Аимане Латифи за кого ова исто така ќе биде прва борба во „Глори“.
Инаку, Илиоски со ова станува и вториот Македонец кој потпишал договор со оваа организација, претходно се натпреваруваше и Даниел Стефановски кој првата борба ја имаше на 7 декември пред две години.
Борбата помеѓу Илиоски и Латифи ќе се одржи на настанот во белгиски Антверп на 17 октомври.

Leave a Reply