Македонскиот боксер Ален Рустемовски со сигурна победа го започна настапот на Медитеранските игри во Таранто. Во категоријата до 60 килограми, тој без поголеми проблеми го совлада Босанецот Михајло Декиќ.
Рустемовски уште од самиот почеток ја презеде контролата над борбата и по две рунди имаше предност кај сите пет судии. Четворица му доделија резултат 20-18, додека петтиот судија по првите две рунди ја бодуваше борбата со 20-17 во корист на македонскиот боксер.
Доминираше Рустемовски и во третата рунда, по што судиите решија да ја прекинат борбата пред истекот на третата минута. Со тоа македонскиот претставник обезбеди пласман во четвртфиналето.
Следниот предизвик за Рустемовски ќе биде Албанецот Зенели, против кого ќе боксува во вторник од 16 часот.

Leave a Reply