Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ ја пречекува Швајцарија во рамките на првото коло од новата сезона во Лигата на нации.
За Македонија започнува нова етапа, откако за првпат ќе се натпреварува во Б-дивизијата. Покрај Швајцарија, во групата се и репрезентациите на Словенија и Шкотска, па уште на стартот следува сериозен предизвик за избраниците на Гоце Седлоски.
Ова ќе биде историски прв меѓусебен дуел меѓу Македонија и Швајцарија. Двете селекции досега никогаш не се сретнале, а гостите на хартија ја имаат фаворитската улога. Македонија, сепак, ќе се обиде со борбена игра и поддршка од трибините да стигне до позитивен резултат.
Нашата репрезентација во натпреварот влегува со негативна резултатска серија. Македонија нема победа веќе една година, а дополнителен проблем е фактот што на последните четири натпревари не успеа да постигне ниту еден гол.
За Седлоски ова ќе биде прв официјален натпревар на домашен терен откако ја презеде селекторската функција. Тој вчера истакна дека играчите се максимално мотивирани и ја повика публиката во што поголем број да дојде на стадионот и да им даде поддршка.
„Швајцарија е силна репрезентација, предизвик е за сите нас, играчите се мотивирани и ќе го дадат максимумот. Ја повикувам публиката да дојде во колку што е можно поголем број и да ни даде поддршка“, изјави Седлоски.
Македонскиот селектор нема да може да смета на Дарко Чурлинов и Бобан Николов, кој неодамна се повреди. Останатите повикани фудбалери се подготвени за дуелот со Швајцарија.
Гостинскиот селектор Мурат Јакин, пак, се соочува со поголеми кадровски проблеми. Швајцарија во Скопје ќе биде без Гранит Џака, Рубен Варгас, Денис Закарија и Брел Емболо, кои од различни причини нема да бидат во составот. По Светското првенство, од репрезентацијата се повлекоа и Силван Видмер, Ноа Окафор и Стивен Цубер.
И покрај бројните отсуства, Швајцарците имаат широк ростер и голем избор на квалитетни фудбалери. Јакин располага со доволно опции за да состави конкурентен тим и да тргне по трите бода во Скопје.

Leave a Reply