Прв натпревар на Вардар во ЛШ дома, гостува француски Нант!

На премиерата во Германија, избраниците на Урош Чупиќ покажаа дека можат рамноправно да се носат со силни европски екипи. Сега Вардар ќе ја има и дополнителната поддршка од своите навивачи, кои се очекува да создадат препознатлива атмосфера во „Јане Сандански“.

Чупиќ сепак се соочува со проблеми околу составот. Милан Лазаревски поради повреда на рамото повторно нема да биде во комбинација, додека неизвесен е настапот на Жоао Педро Да Силва.

Поради суспензија, на овој натпревар нема да може да настапи ниту Урош Митровиќ. Неговото отсуство ќе биде подолго, па тој ќе ги пропушти и следните два натпревари на Вардар во Лигата на шампионите.

Пред дуелот, Јака Малус истакна дека настапот пред вардаровата публика за него претставува посебна мотивација.

„Како што кажав и кога дојдов, имав можност да играм во ‘Јане Сандански’ во времето кога Вардар беше во своите најдобри години. Сега можноста да настапувам тука во дресот на Вардар е уште поголема мотивација. Дерби-натпреварите ми се голема мотивација, како и европските натпревари во Лигата на шампионите“, порача Малус.

Навивачите ќе имаат можност да се загреат за натпреварот уште пред почетокот. Два часа пред стартот на дуелот пред салата „Јане Сандански“ ќе биде отворена фан-зона, со која Вардар дополнително ќе ја подгрева атмосферата пред европскиот спектакл.