Ракометарите на Вардар утре го играат натпреварот против Нант во рамките од второто коло во Лигата на шампионите, кој ќе биде прв домашен натпревар за македонскиот шампион во ракометната елита по пауза од пет години.
Вардар сезоната ја започна со пораз од Мелсунген, па сега на домашен терен ќе се обиде да стигне до првите бодови во новата сезона.
Тренерот Иван Чупиќ очекува тежок натпревар против квалитетниот француски тим, но верува дека Вардар има сили да дојде до победата. Воедно, тој посочи дека особено важно ќе биде поврзувањето меѓу тимот и навивачите на трибините.
„Имаме големи очекувања од првиот натпревар кој го играме дома. Нант е квалитетна екипа и можам да кажам само убави зборови. Сигурно дека сакаме да дојдеме до прва победа. Мора да бидеме претпазливи и од почеток да веруваме. Сакам да видам вистинска конекција меѓу нашите навивачи и ракометарите. Ако победиме утре, тоа ќе ни биде силен ветер во грб за следните натпревари“, порача Чупиќ
На прес-конференцијата зборуваше и Јака Малус, еден од најважните ракометари во составот на Вардар. Тој истакна дека екипата е подготвена за предизвикот и сака пред своите навивачи да продолжи со серијата без пораз.
„Ќе биде тежок натпревар, тука нема лесни екипи, очекуваме поддршка од навивачите, дома немаме пораз повеќе од една година и сакаме така да остане. Мислам дека сме подготвени и влегуваме максимално по првите бодови“, изјави Малус.
За дополнително да се загрее атмосферата пред долгоочекуваното враќање на Вардар во домашен натпревар од Лигата на шампионите, пред салата „Јане Сандански“ ќе биде поставена навивачка фан зона со многу забава и активности. Фан зоната ќе биде отворена во 16:45 часот, додека натпреварот меѓу Вардар и Нант е закажан за 18:45 часот.

Leave a Reply