Шкендија Арачиново протодолжува со добрите настапи од почетокот на првенството и по денешната победа против екипата на Скопје од 1-0 тимот дојде и до третото место на табелата.
Арачиновци сега имаат 13 бода, само еден помалку од второпласираната Струга, додека лидерот Шкендија од Тетово има три бода повеќе.
Интересно, Шкендија Арачиново не се издвојува со особено голема ефикасност. Досега има постигнато само шест гола, но дисциплинираната игра и малиот број примени голови им носат позитивни резултати.
Победата над Скопје беше целосно заслужена. Гостите беа во подредена положба речиси во текот на целиот натпревар, но долго време успеваа да го сочуваат својот гол. Најзаслужен за тоа беше голманот Кристијан Наумовски, кој со неколку одлични интервенции го одржуваше Скопје во игра.
Отпорот на домаќините конечно беше скршен во 87. минута. Дашмир Елези најдобро се снајде во шеснаесетникот на Скопје и ја погоди мрежата за голема радост на гостинскиот состав.
Скопје можеше да стигне до израмнување, но Омар Беровиќ не успеа да ја искористи големата можност. Столевски добро интервенираше и го спаси својот тим.
Шкендија Арачиново со тоа стана единствениот тим што славеше во седмото коло. Останатите четири натпревари завршија без победник, три со резултат 2-2, а еден со 3-3.
Во следното коло арачиновци ги очекува голем предизвик и гостување кај Вардар. Скопје, пак, ќе патува во Штип, каде што ќе се соочи со Брегалница.

Leave a Reply