ФФМ објасни: Еве како се одредуваат термините за натпреварите во ПМФЛ

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) информира дека определувањето на термините за одигрување на натпреварите од Прва МФЛ е поврзано со програмската шема на носителот на телевизиските права, кој заедно со Федерацијата ги определува натпреварите и термините за нивно директно телевизиско емитување и пред се, условите на стадионите.

Ова е воспоставена практика во европскиот и светскиот фудбал. Рани попладневни термини за време на викендот, како и натпревари во петок или понеделник, има и во најсилните европски првенства и во лигите во нашето соседство.

Во услови на високи температури во летниот период, можностите за поместување на натпреварите се ограничени. Кога временските услови не дозволуваат одигрување натпревари пред 17:00 часот, дел од клубовите кои немаат услови за вечерни натпревари, мора да бидат распоредени во други термини, вклучително и во понеделник или во раните попладневни часови за време на викендот.

Во зависност од програмската шема на носителот на ТВ-правата, натпреварите можат да бидат емитувани во директен пренос или со одложено емитување.

ФФМ сака јасно да нагласи дека одговорноста за инфраструктурните услови не може постојано да се префрла кон Федерацијата. Ако клубот сака своите натпревари да ги игра во вечерен термин, мора да создаде услови за тоа, пред сe рефлекторско осветлување и инфраструктура која ги исполнува потребните стандарди.

Сите клубови во Прва МФЛ се акционерски друштва и како такви треба да бидат подготвени да инвестираат во сопствената инфраструктура и во стадионите на кои ги играат натпреварите. Не може постојано да се очекува некој друг, односно ФФМ, да ја заврши работата која е обврска и одговорност на самиот клуб.

ФФМ континуирано инвестира и создава услови за развој на фудбалот, но Федерацијата не може, ниту треба, да биде единствениот субјект кој ќе ги решава инфраструктурните проблеми на клубовите. Клубовите мора да преземат конкретна одговорност и да вложуваат во условите за своите фудбалери, навивачи и натпревари.

Во однос на натпреварите од 5. коло од Прва МФЛ, информираме дека двете пресметки кои се играат во викенд-терминот ќе бидат достапни за следење во живо преку официјалната YouTube платформа на ФФМ, додека телевизиското емитување ќе биде реализирано со одложен пренос на ТВ Арена: Аресими – Скопје, сабота, 23:00 часот и Башкими – Шкендија Арачиново, недела, 22:45 часот. Трите останати натпревари од 5. натпреварувачкото коло ќе се емитуваат во директрен пренос на ТВ Арена Спорт Македонија.


Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *