Македонија може да биде домаќин на ЕП во ракомет – поднесена е заедничка кандидатура со Словенија и Србија!

Македонија, Србија и Словенија влегуваат во заедничка трка за домаќинство на машкото Европско првенство во ракомет во 2034 година.

Трите национални ракометни федерации официјално доставија заедничка кандидатура до Европската ракометна федерација (EHF), со план заеднички да го организираат еден од најголемите ракометни настани на европско тло.

Од федерациите посочуваат дека трите земји имаат доволно искуство, инфраструктура и организациски капацитет за реализација на шампионат од највисок ранг. Во наредниот период ќе следува интензивна работа на подготовката на целосната кандидатура, која ќе треба да ги задоволи сите критериуми поставени од EHF.

Претседателот на РФМ, Александар Стефанов, смета дека заедничката кандидатура претставува значаен момент за македонскиот ракомет.

„Македонија е ракометна земја. Ракометот со децении е длабоко вкоренет во нашата спортска традиција и историја. За нас оваа кандидатура е можност за уште еден голем исчекор и потврда дека Македонија има капацитет да биде дел од организацијата на најголемите европски ракометни настани“, порача Стефанов.

Од Србија, Божидар Ѓурковиќ истакна дека трите федерации имаат сериозен потенцијал за организација на ваков турнир, пред сè поради спортските сали, хотелските капацитети и останатата инфраструктура со која располагаат.

Претседателот на словенечката федерација, Бор Розман, оцени дека проектот би имал пошироко значење од самиот спорт, бидејќи би можел да донесе позитивни ефекти и за градовите и за државите кои би биле домаќини.

Во периодот што следува Македонија, Србија и Словенија ќе работат на финализирање на кандидатурата, а конечната одлука за домаќинот на Европското првенство во 2034 година ќе ја донесе EHF.


Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *