Наташа Андонова има нов клуб, ќе игра и во Лигата на шампионите

Македонската фудбалска репрезентативка Наташа Андонова ќе има нов предизвик во кариерата, откако и официјално потпиша за швајцарски Сервет, актуелниот шампион на земјата.

Клубот ја потврди соработката со искусната македонска интернационалка, од која очекува да внесе дополнителен квалитет и лидерство во тимот. Со Сервет, Андонова во новата сезона ќе ја брани шампионската титула во Швајцарија, а ќе настапува и во Лигата на шампионите.

Минатата сезона Андонова беше дел од шпански Мадрид, а во богатата интернационална кариера настапуваше и за Ал-Шабаб, Леванте, Барселона, ПСЖ, Росенгард, Потсдам, како и за македонските Борец и Тиквешанка, клубот во кој ги направи првите фудбалски чекори.

Во дресот на македонската репрезентација Андонова досега има запишано 40 настапи и постигнато 14 голови, потврдувајќи го статусот на една од најдобрите македонски фудбалерки во историјата.


Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *