Македонската тенисерка Лина Ѓорческа успешно го започна настапот во квалификациите за Вимблдон, откако во првото коло убедливо ја совлада Шпанката Анхела Болуда Фита со 2-0 во сетови. Натпреварот траеше еден час и 19 минути, а тетовчанката покажа сигурна игра во клучните моменти.
По рамноправниот почеток на мечот, Ѓорческа ја презеде иницијативата и со брејк стигна до предност од 3-1 во првиот сет. Потоа успеа да одбие налет на противничката, спасувајќи брејк-топка, а со уште еден одземен сервис го приведе сетот во своја корист со 6-2.
Во вториот сет двете тенисерки имаа осцилации на свој сервис. Следуваа неколку разменети брејкови, но решавачкиот момент дојде во десеттиот гем кога македонската тенисерка ја искористи првата меч-топка и со 6-4 го завери пласманот во следната рунда.
Во второто квалификациско коло, од вкупно трите што водат до главниот турнир, Ѓорческа ќе се соочи со Португалката Francisca Jorge. Нивниот дуел е закажан за среда.

Leave a Reply