Георгије Јанкулов кажа дека целиот фокус на фудбалерите на Вардар е на првото квалификациско коло од Лигата на шампиони (ЛШ), односно на дуелот против КуПС.
„Се наоѓаме во добри подготовки и играме пријателски мечеви, а фокусот е во целост на првото коло на ЛШ. Мислам дека добивме ривал со кој може да се носиме и нијанси ќе го одлучат патникот во следната фаза. Вардар по седум години е во ЛШ, така што тоа е доволен мотив да се покажеме во што е можно подобро светло и да стигнеме што е можно подалеку во Европа. КуПС не сум го гледал многу пати, но штом екипата е шампион на земјата, има квалитет. Гледам предност за нив што сезоната им е веќе во тек, но од другата страна може да биде и маана затоа што може да имаат одреден замор, а ние доаѓаме од подготовки и ни следи првиот меч во новата сезона“, вели Јанкулов.
Јанкулов кажа дека сè уште се запознаваат со тренерот Фабијани и со неговиот систем.
„Со Фабијани се запознаваме полека, со неговиот систем, исто и тој со нас. Има свои принципи кои сакаме да ги усвоиме и да ги покажеме на терен. Завршната тактика уште не сме ја фатиле, повеќе се фокусираме на кондиција и сила, па ќе ни следат тактичките подготовки. За новите млади играчи во првиот тим: Убаво е чувството кога младите играчи се околу и добиваат шанса во првата екипа. Сите играчи ги прифативме добро, имаат квалитет и заслужено се овде, а нивно е да се борат, да се докажат и да останат со нас во првиот тим и по подготовките“, вели тој.

Leave a Reply