Иако Башкими успеа да го задржи прволигашкиот статус минатата сезона, неговиот настап во елитното друштво и во следниот шампионат останува неизвесен поради судската постапка поврзана со сомнежи за местење натпревари.
Кумановскиот клуб се најде под лупа откако се појавија обвинувања дека натпреварот против Кожув, кој имаше големо значење во битката за опстанок, бил наместен. Дополнително, во дописите што УЕФА ги испратила до ФФМ, Башкими се споменува во врска со уште три натпревари означени како сомнителни.
Претседателот на ФФМ објасни дека секој сомнителен натпревар се процесира по официјална пријава од УЕФА, која во рок од 72 часа доставува детална документација за евентуалните неправилности. Потоа, согласно процедурите, случајот се проследува до Министерството за внатрешни работи и до надлежните лица кои соработуваат со одделот за интегритет на УЕФА.
Според неговите информации, случајот со Башкими веќе е во судска фаза и опфаќа пет до шест лица против кои се водат постапки.
„Секогаш кога има натпревар кој е сомнителен, ние добиваме допис од УЕФА. Никогаш не дејствуваме сами, тие дописи стигнуваат во рок од 72 часа и во нив ги има сите детали прецизно објаснети за сите сомнежи. Според правилата, ние сме должни да ја информираме МВР и комесарот кој соработува со оделот на УЕФА за интегритет. За Башкими како што сум информиран, процедурата е дојдена до суд со сите имиња и презимња, станува збор за пет-шест лица против кои има отворено постапки. Ние можеме да преземеме дејствија кога ќе има правосилна пресуда. Тоа е што ние го знаеме и затоа додека нема правосилна пресуда Башкими ќе се натшреварува таму каде што е според резултатите. Со оглеф дека пред две-три недели е во суд значи дека ќе трае и во подолг период. Инаку, има и останати натпревари кои биле сомнителни во изминатиот период и за кои имаме дописи“, изјави првиот човек на ФФМ, Масар Омерагиќ.

Leave a Reply