Првиот човек на Пелистер отворено за Кузмановски и Манасков: Добија одлични понуди!

by

in

Покрај промоцијата на новиот тренер Лино Червар, на денешната прес-конференција во Пелистер се отворија и прашањата поврзани со играчкиот кадар за претстојната сезона.

Претседателот на клубот, Зоран Стерјев, потврди дека ростерот сѐ уште не е комплетиран, а неизвесна останува иднината на двајца од најискусните ракометари – Дејан Манасков и Филип Кузмановски. Како што откри Стерјев, на двајцата им се доставени понуди за продолжување на соработката, а конечната одлука сега е во нивни раце.

„Разговорите со Манасков и Кузмановски сѐ уште траат. Клубот им понуди нови договори – двегодишен на Кузмановски и едногодишен на Манасков. Имаме коректна комуникација и правиме сѐ што е во наша моќ за тие да останат дел од Пелистер и во наредниот период. Сепак, конечната одлука треба да биде заедничка“, истакна Стерјев.

Тој нагласи дека понудените услови се во рамките на можностите на клубот и дека раководството смета оти тие се доволно добри за да бидат прифатени.

„Задоволни сме од нивниот придонес и од она што го покажаа на теренот, но мора да се биде реален. Минатата сезона не ги исполнивме поставените цели и не можеме да зборуваме за успешна година. Во такви околности нормално е да не се очекуваат дополнителни награди. Тоа им беше јасно кажано не само на нив, туку и на останатите членови на тимот“, порача првиот човек на битолскиот клуб.

Во наредниот период се очекува да биде познато дали Манасков и Кузмановски ќе останат дел од Пелистер или ќе побараат нов предизвик во кариерата.