Селекторот на Босна и Херцеговина, Сергеј Барбарез, најави дека неговата репрезентација со максимален пристап ќе влезе во пријателскиот натпревар против Македонија, потенцирајќи дека македонскиот национален тим поседува квалитет и заслужува целосен респект.
На денешната прес-конференција Барбарез најпрво се осврна на здравствениот биланс во тимот, откривајќи дека Харис Табаковиќ е блиску до враќање и дека се очекува да ѝ се приклучи на репрезентацијата пред патувањето.
„Постои можност да продолжи со терапијата за да бидеме сигурни дека ќе биде целосно подготвен“, изјави босанскиот селектор.
Тој говореше и за состојбата на Иван Шуњиќ, посочувајќи дека не се работи за сериозна повреда и дека фудбалерот би можел повторно да биде во комбинација веќе за викендот. Барбарез откри и дека Един Џеко добил одмор од тренинзите како мерка на претпазливост.
„Играчите имаат обврска веднаш да кажат ако почувствуваат каков било проблем. Подобро е сега да одморат, отколку подоцна кога ќе отпатуваме за Америка“, додаде тој.
Посебно внимание привлече неговиот коментар за Македонија, која ја оцени како сериозна и организирана селекција.
„Пријателските натпревари мора да се сфатат сериозно. Македонија има квалитетен тим и нов селектор. Пред настапите во Лигата на нации играат против нас и Турција и сигурно ќе сакаат позитивни резултати, исто како и ние“, порача Барбарез.
Селекторот најави и одредени ротации во составот за сите фудбалери да добијат шанса, но истакна дека натпреварот, иако е пријателски, ќе биде одигран со натпреварувачки дух.
Дуелот меѓу Босна и Херцеговина и Македонија е закажан за в петок од 20:30 часот на стадионот „Кошево“ во Сараево.

Leave a Reply