Фудбалската федерација на Македонија потврди дека е поведена постапка против Вардар поради прославата на шампионската титула која деновиве предизвика бројни реакции во јавноста. Сепак, од таборот на „црвено-црните“ сметаат дека нема основ за дисциплинска пријава.
Од клубот испратиле официјален допис до ФФМ во кој наведуваат дека не може да сносат одговорност за настан што, како што велат, не бил дел од официјален натпревар или клупска организација, туку приватна прослава.
Во реакцијата Вардар посочува и дека официјалната прослава на двојната круна е закажана за 23 мај, по дуелот против Шкендија кој ќе се игра од 18 часот.
Од клубот нагласуваат дека дисциплинскиот правилник на ФФМ предвидува одговорност само за дејствија поврзани со официјални натпревари, клупски активности или настани кои се под директна организација и контрола на клубот.
Според нивното образложение, во конкретниот случај не станува збор за службен настан на Вардар, ниту пак прославата била организирана, финансирана или координирана од клубот. Дополнително, посочуваат дека настанот не бил дел од официјален протокол на ФФМ и дека нема основ клубот како правно лице да биде дисциплински гонет.
Во дописот се повикуваат и на член 116 од Дисциплинскиот правилник на ФФМ, според кој дисциплинска одговорност постои само ако е направена повреда во рамки на фудбалска дејност и под надлежност на Федерацијата. Оттаму сметаат дека евентуални приватни постапки на поединци надвор од официјални натпревари не можат автоматски да значат и одговорност за клубот.



Leave a Reply