Регионална лига ќе има, денеска беше потпишан и договорот!

Во Подгорица денеска беше ставен потпис на договорот за формирање регионална ракометна лига во машка и женска конкуренција, проект што треба да донесе посилна конкуренција и поголем развој на ракометот во регионот.

На состанокот присуствувале претседателот на РФМ, Александар Стефанов, како и челниците на ракометните федерации на Србија и Црна Гора, кои ја потврдиле заедничката соработка околу новото натпреварување.

Според договореното, машката лига ќе брои десет екипи – по четири клуба од Македонија и Србија, како и два тима од Црна Гора. И женската конкуренција ќе има десет учесници, но со клубови од пет држави. Покрај Македонија, Србија и Црна Гора, дел од лигата ќе бидат и Хрватска и Словенија, а секоја земја ќе има по два претставника.

Од РФМ посочуваат дека идејата е да се создаде поквалитетен и поконкурентен систем на натпреварување, кој ќе им овозможи на клубовите повеќе силни натпревари, подобри услови за развој на младите ракометари и тренери, како и поголема медиумска промоција и комерцијален потенцијал.

Воедно, од Федерацијата нагласуваат дека проектот е резултат на заедничка иницијатива на федерациите и клубовите од регионот, базирана на партнерска соработка и заедничка визија за унапредување на ракометот во Југоисточна Европа.

Во следниот период е најавен нов состанок на кој ќе се утврдат организациските детали и календарот за старт на натпреварувањето.


Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *