Македонската ракометна репрезентација денеска замина за Словачка, каде утре во Прешов ќе го одигра првиот натпревар од баражот за пласман на Светското првенство.
Во пресрет на дуелот свое видување даде и најискусниот во националниот тим, голманот Никола Митревски, кој очекува неизвесен и тежок натпревар на гостински терен.
„Словачка е голема непознаница за нас никогаш не сме играле против нив, па натпреварот секако ќе биде тежок и незгоден затоа што играме на гостински терен. Ние се подготвуваме и верувам дека сме на потребното ниво, очекувам добар натпревар.
Големите натпреварувања кои ги имаме зад нас ни го даваат тоа право да очекуваме добар и позитивен резултат. Но, без разлика на резултатот утре нема ништо да биде решено, ова е само едно полувреме од двомечот, ние ќе го дадеме нашиот максимум да одиграме онака како што знаеме и да извлечеме позитивен реузлтат“, изјави Митревски.
Првиот натпревар помеѓу Словачка и Македонија е закажан за утре со почеток од 19:00 часот, додека реваншот ќе се одигра три дена подоцна во арената „Борис Трајковски“, исто така во вечерниот термин.

Leave a Reply