Вардар го победи Монпелје, но се прости од Европа!

by

in

И покрај моментите во кои делуваше дека чудото е достижно, РК Вардар не успеа да ја анулира високата негатива од првиот меч и европската сезона ја заврши со победа над Монпелје во четвртфиналето.

Во Скопје, „црвено-црните“ прикажаа сосема поинакво лице во однос на гостувањето во Франција. Иако гостите поведоа со 1-0, во продолжението иницијативата беше на страната на македонскиот претставник, кој постепено ја презеде контролата врз резултатот.

Меѓу стативите блескаше Влах со серија одлични одбрани уште на стартот, давајќи сигурност на тимот. Средината на првото полувреме донесе и највисока предност од пет гола (12-7), што беше значаен чекор кон намалување на вкупната разлика. До паузата Вардар ја задржа контролата и замина на одмор со водство од 17-12, оставајќи впечаток дека можеше и повеќе, доколку не беа интервенциите на голманот на гостите.

И во вториот дел домашните продолжија во ист ритам, па на околу 15 минути до крајот стигнаа и до „плус седум“ (22-15). Сепак, во тие клучни моменти заморот си го направи своето, а скратената ротација дополнително ја отежна задачата. Монпелје успеа да ја намали разликата и да ја одржи недостижна вкупната предност од првиот натпревар.

Дополнителен удар за Вардар беше и раното исклучување на Урош Митровиќ, кој заработи црвен картон уште во првото полувреме.

Сега фокусот на РК Вардар се префрла на домашната сцена, каде тимот е на чекор до титулата. Веќе за два дена, во дербито против РК Пелистер, Вардар има можност математички да го потврди шампионскиот трофеј, во натпревар закажан од 19:00 часот.


Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *