Шкупи се засили со фудбалер кој бил дел од германски гигант!

Екипата на Шкупи за кратко време го официјализира и второто засилување во летниот преоден рок, откако денеска во своите редови го претстави 20-годишниот Адонис Милај – млад косовски фудбалер кој своето фудбалско образование го стекнал во Германија, во академијата на реномираниот клуб Борусија Менхенгладбах.

Иако до неодамна чаирскиот клуб се наоѓаше во тешка состојба – без сопственик, со сериозни долгови кон играчите и голема доза на неизвесност – сега ситуацијата очигледно почнува да се стабилизира. Клубот повторно се активираше на трансфер-пазарот и веќе работи на креирање конкурентен состав за следната сезона.

Милај настапува на позицијата дефанзивен играч за врска, а покрај искуството во младинските тимови на Менхенгладбах, минатата сезона беше дел од германскиот СЦ Сент Тёнис. Има и настапи за младинската репрезентација на Косово до 19 години, што зборува за неговиот интернационален профил и потенцијал.

Од клубот порачаа дека со неговото доаѓање очекуваат дисциплина, стабилност и квалитет во средниот ред, со надеж дека Милај ќе биде важна алка во новата екипа која ќе се обиде да остави подобар впечаток од претходната сезона.


Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *