Фудбалерите на Вардар продолжуваат со одличната форма во вториот дел од сезоната, откако денеска извојуваа важна победа на гостински терен против директниот ривал Шкупи со 0-2, во дерби-средбата одиграна на стадионот во Чаир.
Првото полувреме донесе цврста и борбена игра, но без многу шанси пред двата гола. Атмосферата на теренот и трибините беше вжештена, а кулминираше во самиот финиш на првиот дел, кога тренерот на Вардар, Гоце Седлоски, доби црвен картон поради жестоки реакции кон судиските одлуки.
И покрај исклучувањето на Седлоски, црвено-црните не се обесхрабрија. Веќе во продолжението од полувремето, искусниот Горан Закариќ со прецизен пас го пронајде Роџерс Мато, кој сигурно реализираше за водство на Вардар.
Во вториот дел се играше во сличен ритам – многу борба, а малку вистински можности. Но, вардарци повторно беа поефикасни. Во 70. минута, по прекин, Закариќ уште еднаш се најде во улога на асистент, нафрли во шеснаесетникот, а највисок во скокот беше дефанзивецот Матиќ, кој го потврди триумфот на гостите.
Со оваа победа, Вардар стигна до 38 бодови и се искачи на шестата позиција на табелата, додека Шкупи останува зад нив со 34. Формата на Вардар во продолжението од првенството навестува жестока борба за повисок пласман во завршницата од сезоната.
Leave a Reply