Вардар и Шкендија ги дознаа можните ривали за третото квалификациско коло од Конференциската лига

Во понеделник од 14 часот ќе биде одржана ждрепката за третото квалификациско коло во Конференциската лига, на која македонските претставници Вардар и Шкендија ќе ги дознаат своите евентуални противници доколку успешно ја минат следната пречка. И двата клуба во ждрепката ќе имаат статус на носители.

УЕФА веќе го објави скратениот список на можни противници за оваа фаза од натпреварувањето.

Доколку го елиминира летонскиот претставник Рига, Вардар во третото квалификациско коло би се сретнал со Интер Ескалдес од Андора или со победникот од дуелот меѓу Атерт Бисен од Луксембург и Ѓер од Унгарија.

Шкендија, пак, има поширок избор на потенцијални ривали. Ако биде успешна против словенечки Браво, тетовскиот тим ќе игра против победникот од еден од следните натпревари: Дебрецин – Пјуник, Паиде – Зире, Малишева – Хибернијан, Хамарби – Андерлехт или Стјарнан – Тампере.

Сепак, пред евентуалниот пласман во третото квалификациско коло, двата македонски клуба ги очекуваат сериозни предизвици во втората рунда.

Вардар во среда од 20 часот на Националната арена „Тодор Проески“ ќе го одигра првиот натпревар против Рига, додека Шкендија во четврток од 20:45 часот ќе гостува кај словенечки Браво.


Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *