Во фудбалските кругови на Европа сѐ погласно се шпекулира за можноста Балканот заеднички да се кандидира за организација на Европското првенство во 2036 година, а меѓу потенцијалните домаќини се споменува и Македонија.
Според неофицијалните информации кои кружат во јавноста, во евентуалната кандидатура би учествувале Македонија, Србија, Хрватска, Бугарија, Грција и Албанија. Доколку ваквиот проект добие поддршка од УЕФА, тоа би било прво Европско првенство во историјата организирано од дури шест земји.
Една од придобивките за државите-домаќини би била автоматскиот пласман на завршниот турнир, што значи дека сите шест репрезентации би обезбедиле место меѓу најдобрите во Европа без квалификации.
Во исто време, сѐ почесто се отвора и прашањето за проширување на континенталниот шампионат од сегашните 24 на 32 селекции. Таквиот формат веќе беше применуван на Светските првенства во периодот од 1998 до 2022 година и би донел поголем број натпревари, учесници и комерцијални можности за УЕФА.
Засега нема официјални потврди ниту за евентуалната балканска кандидатура, ниту за можните промени во форматот на натпреварувањето. Сепак, доколку регионот ја добие довербата од УЕФА, тоа би претставувало историски исчекор и голем спортски настан за сите земји вклучени во проектот.

Leave a Reply