Младите фудбалери на Вардар продолжуваат да доминираат во домашните натпреварувања, откако денеска го освоија Купот на Македонија и во кадетска конкуренција.
„Црвено-црните“ во драматично финале на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ го совладаа Пелистер по изведувањето пенали, откако регуларниот дел заврши без победник со резултат 3-3.
Со овој успех, Вардар дојде до трет куп-трофеј во младинските категории во само два дена, откако претходно славеше и кај пионерите и помладите пионери.
Финалниот натпревар понуди вистинска голеада и голема неизвесност. Вардар прв стигна до предност преку Невзат Асани уште во третата минута, но битолчани возвратија преку Енвер Фејзулаи непосредно пред паузата.
Во второто полувреме Пелистер двапати имаше водство благодарение на погодоците на Мартин Талевски и Јован Мрмачовски, но скопскиот состав секогаш наоѓаше одговор. Админ Абдула прво израмни на 2-2, а Иво Марковски во самиот финиш погоди за 3-3 и го однесе мечот во пенал-рулет.
При изведувањето на ударите од белата точка, фудбалерите на Вардар беа максимално прецизни, додека кај Пелистер не реализираа Јаков Пресилски и Јован Мрмачовски. Тоа беше доволно скопјани да слават со 4-2 во пенал-серијата и да се радуваат на нов трофеј.

Leave a Reply