Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски зад себе остави успешна сезона во дресот на Валенсија, а шпанските медиуми пренесуваат дека клубот одлучил да ја продолжи соработката со него до 2028 година.
Иако сезоната ја започна во улога на резервен голман, Димитриевски ја искористи шансата што ја доби по повредата на Јулен Агирезабала и со сигурните настапи се наметна како едно од најважните имиња во тимот. Во завршницата од првенството македонскиот чувар на мрежата беше меѓу најзаслужните за резултатскиот подем на Валенсија, која по лошиот старт успеа да се искачи до деветтото место на табелата.
Димитриевски сезоната ја заврши со 52 успешни интервенции, а дел од нив беа вистински ремек-дела меѓу стативите. Токму затоа Валенсија на своите социјални мрежи ги издвои неговите пет најдобри одбрани во изминатата сезона.
Со оглед на формата и придонесот што го имаше во тимот, очекувањата се Димитриевски и во новата сезона да ја задржи улогата на прв избор на голот на клубот од „Местаља“.

Leave a Reply