Пелистер по крајот на сезоната се збогуваше со четворица ракометари

Ракометниот клуб Пелистер денеска официјално се раздели со четворица ракометари кои од следната сезона нема да го носат зелено-белиот дрес. Од битолскиот состав заминуваат Илија Абутовиќ, Усама Хосни, Богдан Радивојевиќ и Домен Тајник, играчи кои оставија значаен белег во изминатите сезони.

Во периодот минат во Битола, четворицата ракометари со Пелистер освоија две шампионски титули во македонското првенство и еден трофеј во Суперкупот.

Од клубот емотивно се простија од досегашните членови на тимот, нагласувајќи дека зад нив остануваат бројни успеси, незаборавни моменти и пријателства.

„Спортските разделби се емотивни, особено кога носат нови проекти и предизвици. Но, ќе останат спомените за трофеите, головите и заедничките успеси. Битола и Пелистер ви се благодарни од срце, а нашиот дом секогаш ќе биде и ваш дом“, порачаа од битолскиот клуб.

Пелистер оваа сезона не успеа да ја одбрани титулата на домашната сцена, откако трофеите во Купот и првенството завршија во рацете на најголемиот ривал Вардар.


Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *