Македонската фудбалска репрезентација вечерва од 20:30 часот на „Кошево“ во Сараево ќе се соочи со БиХ во пријателски натпревар што за двете селекции ќе има различно значење. За домаќините ова ќе биде прва проверка во пресрет на Светското првенство, додека Македонија ќе добие уште една можност за воигрување под водство на новиот селектор Гоце Седлоски, кој по третпат ќе ја предводи националната селекција откако седна на клупата во март.
Досегашната историја меѓу Македонија и БиХ брои три пријателски натпревари, одиграни во периодот од 2002 до 2008 година. Македонската репрезентација има една победа, додека два меча завршиле без победник, и двата на гостински терен.
Најмногу се памети спектаклот од 27 март 2002 година на „Грбавица“ во Сараево, натпревар кој заврши со неверојатни 4-4 и остана запишан како еден од највозбудливите дуели во историјата на македонската репрезентација.
Босна и Херцеговина по првото полувреме водеше со убедливи 3-0, но Македонија во вториот дел се врати во игра, најпрво намалувајќи на 2-3, а потоа и стигнувајќи до израмнување по четвртиот погодок на домаќините.
Посебен куриозитет е што на тој натпревар настапија и сегашните селектори на двете репрезентации. Гоце Седлоски беше дел од македонскиот состав, додека Сергеј Барбарез го носеше дресот на БиХ и постигна два гола. Во листата на стрелци за Македонија се запиша Артим Шаќири со хет-трик, а еден погодок додаде и Саша Ќириќ.

Leave a Reply