Еуфоријата во Охрид пред големото европско финале веќе достигна врв. Без разлика каков ќе биде исходот на првиот меч во Унгарија, јасно е дека реваншот во „Билјанини извори“ ќе се игра во спектакуларна атмосфера.
Од РК Охрид информираа дека билетите за возвратниот дуел против Татабања, закажан за 31 мај, биле распродадени за само 15 минути. Тоа значи дека трибините ќе бидат исполнети до последно место, а околу 3.000 навивачи ќе им дадат силна поддршка на охридските ракометари во битката за европскиот трофеј.
Пред избраниците на Охрид сега останува задачата да обезбедат активен резултат на гостувањето во Унгарија, со цел на домашен терен, заедно со публиката, да нападнат историски успех. Клубот е на чекор до првиот меѓународен трофеј, но и до првиот пехар во својата историја.
Дополнителен мотив е и фактот што минатата сезона трофејот во ЕХФ Европскиот куп го освои Алкалоид, па Македонија има шанса втора година по ред да го задржи европскиот пехар во своите витрини.

Leave a Reply