Фудбалските сензации како онаа на Лестер од сезоната 2015/16 ретко се случуваат, но во моментов Швајцарија има своја нова бајка. Во центарот на вниманието е Тун – тим кој штотуку се врати во елитата, а веќе е на чекор до историска титула.
На пет кола до крајот на сезоната, Тун има убедлива предност од 14 бодови пред Сент Гален и уште вечерва може и официјално да стане шампион. Тоа ќе се случи ако слави против Лугано или ако Сент Гален не успее да го победи Јанг Бојс.
Клубот со долга традиција од 127 години досега нема освоено титула во најсилната лига. Единствените два трофеи се од втората дивизија, а иако играле финалиња во Купот (1955 и 2019), не успеале да стигнат до трофеј. Најблиску биле во 2005 година, кога завршиле како второпласирани зад Базел.
Таа генерација остана запаметена и по историскиот настап во Лигата на шампиони – единствен во историјата на клубот. Во силна конкуренција со Арсенал, Ајакс и Спарта Прага, Тун заврши трет и избори европска пролет во тогашниот Куп на УЕФА, каде подоцна беше елиминиран од Хамбургер.
Еден од клучните луѓе од тоа време, Мауро Лустринили, денес е тренерот што го води тимот. Тој ја презеде екипата во 2022 година и за кратко време ја врати во првата лига. Значајна улога има и Андреас Гербер, поранешен играч од таа генерација, кој сега е на чело на клубот како претседател и спортски директор.
По враќањето во елитата, амбициите биле скромни – обезбедување опстанок. Со ограничен буџет од околу два милиони евра, ретко кој веруваше дека Тун може да биде кандидат за титула. Но, тимот функционира беспрекорно.
„Немаме направено ништо сензационално – без големи вложувања и многу засилувања. Јадрото од тимот остана исто од втората лига. Тренерот бара храброст и максимална посветеност, а по интензитет мислам дека сме пред сите“, изјави дефанзивецот Женис Монтољо.
Токму високото темпо, агресивниот пресинг и директната игра се заштитен знак на Тун, кој со таков пристап ги принудува противниците на грешки.
Во офанзивата блеска македонскиот репрезентативец Елмин Растодер, кој со 13 голови и шест асистенции е лидер на тимот. Зад него се Бертоне и Ибај со по десет погодоци – тројца фудбалери кои беа дел од тимот и во сезоната кога Тун избори пласман во елитата.

Leave a Reply