Ракометарите на Охрид ја забележаа победата на гостувањето кај Олимпијакос со 31-25 во Атина и се на добар пат да обезбедат пласман во полуфиналето од ЕХФ Европскиот куп. Сепак, се уште останува реваншот на домашен терен, каде ќе бидат домаќини на грчкиот тим.
Пред натпреварот, од редовите на ГРК Охрид упатија апел до сите кои ќе бидат во салата „Билјанини Извори“ да навиваат фер и без провокации кон Олимпијакос.
„Почитувани охриѓани, симпатизери, навивачи и љубители на ракометот!
ГРК Охрид за градот од коло во коло на Европската сцена пишува историја! Одигравме одличен натпревар во Атина и се вративме како победници. Но, имаме уште 60 минути на домашен терен.
Бевме одлично примени од екипата на Олимпијакос и натпреварот помина во одлична ракометна атмосфера. Ја повикувам публиката, симпатизерите и навивачите во сабота да бидат 8-от играч на ГРК Охрид и ветер во грб на нашите гладијатори. Ве молам со фер и најкоректно навивање и поддршка за нашите момци да му помогнете на клубот. Транспарентите во преполната сала Билјанини Извори да бидат исклучиво за поддршка на нашиот клуб и Македонија, да ја оставиме политиката настрана и да му помогнеме на нашиот град да испишува историја! Со почит, Спортски директор Славчо Ристески“
Инаку, како на натпреварот во Атина, така и на саботниот дуел е забрането присуство на гостински навивачи.

Leave a Reply