Димитриевски: Ова е еден од најважните натпревари во нашите кариери!

Македонскиот голман Столе Димитриевски зборуваше во интервју за „Флешкскор“ истакнувајќи го утрешниот натпревар со Данска како еден од најважните неговата кариера, но и на сите останати во репрезентацијата.

„Ова е веројатно еден од најважните натпревари во нашите кариери и мора да излеземе како вистински мажи, да го одиграме нашиот најдобар фудбал, да го спроведеме тактичкиот план на селекторот и да победиме,“ вели Димитриевски.

Данска е фаворит, меѓутоа Димитриевски е убеден дека Македонија има квалитет да одигра подобро.

„Имаме квалитет, имаме план и ќе дадеме максимум – да одиграме подобро од нив и да победиме. Не мислам дека е фер да се зборува за ‘изненадување’, бидејќи ние сме многу добар тим кој може да победи, а не да изненади.“

Се потсети и на интересна ситуација поврзана со Мундијалот во 2002 година.

„Се сеќавам како го гледав Светското првенство во 2002 година на телевизија, кога Роналдо Назарио играше за Бразил, а Дејвид Бекам за Англија. Татко ми ми купи албум со сликички, кој, интересно, некако успеав да го испуштам во реката Вардар кога бевме во посета на Скопје.

Години подоцна, пред Европско првенство 2020, татко ми се сети на таа приказна и почна да го собира изданието од 2020 година, затоа што јас бев дел од него, а никогаш не помислил дека еден ден ќе собира албум во кој и јас ќе бидам,“ се присетува Димитриевски.

„Пласман на Светското првенство 2026 би бил врв на мојата кариера. Како пример го имам Гвидо Родригез од Валенсија, кој играше и го освои Мундијалот 2022 со Аргентина. Тоа ми покажува дека станува збор за едно од најголемите достигнувања во фудбалот“, порача Димитриевски.

Натпреварот помеѓу Данска и Македонија се игра утре во терминот од 20:45 часот.


Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *