Ирак бара одложување на баражот за Светското првенство

by

in

Фудбалската федерација на Ирак официјално побара од ФИФА да го одложи натпреварот од баражот за Светското првенство, откако ја одби понудата на светската фудбалска организација која подразбираше патување од 25 часа по копно до Турција.

Натпреварот е закажан за 31 март во Монтереј, Мексико, а противник на Ирак ќе биде Боливија или Суринам. Мечот е доведен во прашање поради затворањето на ирачкиот воздушен простор, што е директна последица од војната во земјата. Ова го соопшти ирачкото Министерство за транспорт.

Логистичката ситуација е многу комплицирана, бидејќи околу половина од репрезентативците се задржани во Багдад и не можат да патуваат. Селекторот Греам Арнолд, пак, се наоѓа во Дубаи.

Поради проблемите, ФИФА предложила играчите да патуваат по копно од Багдад до Истанбул, по рута што минува низ северниот дел од земјата – област која неодамна била цел на ирански напади со дронови. Сепак, селекторот Арнолд веќе му соопштил на ирачкиот сојуз дека нема да дозволи играчите да патуваат по таа рута додека трае конфликтот.

Покрај транспортните проблеми, има и потешкотии со визите. Неколку играчи и членови на стручниот штаб сè уште ги немаат потребните визи за влез во Мексико или во САД, каде што требало да се одржи подготвителен камп во Хјустон.

Ирачката федерација врши притисок врз ФИФА што побрзо да донесе одлука за одложување на натпреварот, за да има јасност околу ситуацијата.

Во меѓувреме, постои и можност Ирак да го замени Иран на Светското првенство, доколку Иран се повлече поради војната. Ова сценарио се разгледува затоа што Ирак е следната најдобро рангирана селекција во азиските квалификации.


Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *