Oфицијално: Гоце Седлоски нов селектор на Македонија!

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешната седница донесе одлука за избор на нов селектор на македонската А репрезентација. За нов селектор е именуван Гоце Седлоски.

Членовите на највисокото тело на ФФМ, одлуката за избор на нов селектор на македонската А репрезентација ја донесоа по предлог на Комисијата за избор на селектор, составена од Масар Омерагиќ – претседател на ФФМ, Горан Пандев – директор на Национални репрезентации, Николче Новески – раководител на Скаутинг службата на ФФМ, Агим Ибраими – член на Управниот одбор на ФФМ и Марјан Стојковски – потпретседател на ФФМ.

Гоце Седлоски е едно од најпрепознатливите имиња во историјата на македонскиот фудбал. Како фудбалер, поранешниот репрезентативен капитен оствари 100 настапи и постигна 8 голови за националниот тим, со што останува првиот македонски фудбалер кој запишал 100 настапи за репрезентацијата.

Седлоски има и претходно искуство во стручниот штаб на националниот тим. Во август 2012 година ја водеше македонската А репрезентација како в.д. селектор на пријателскиот натпревар против Литванија во Скопје (1:0).

Во својата тренерска кариера, Гоце Седлоски работеше како асистент и в.д. селектор на Македонија, а на клупско ниво ги предводеше Хоризонт Турново, Вардар, Рига (Летонија), Широки Бријег (Босна и Херцеговина), вториот тим на Динамо Загреб (Хрватска), Шкупи, Влазниа (Албанија) и Работнички.

View this post on Instagram

A post shared by sportski.mk (@sportski.mk)