Елмас утре може да заигра на позиција на која никогаш претходно не играл – во одбраната!

Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас би можел да се најде во стартниот состав на Наполи на утрешниот дуел со Спортинг во Лигата на шампионите, но во необична улога – како десен бек. Причина за тоа се бројните проблеми со повреди во одбранбената линија на „наполитанците“.

Конте пред клучниот натпревар остана без Бонџорно и Рахмани, кои се надвор од комбинација поради повреди, додека Спинацола и Оливера се неизвесни, Ди Лоренцо е суспендиран, а Марианучи воопшто не е пријавен за настап во елитното натпреварување.

„Спинацола и Оливера тренираат индивидуално, но ќе им дадеме шанса до последен момент“, изјави тренерот на Наполи.

Тој додаде дека во моментов мора да бара алтернативни решенија:

„Ќе бараме решение доколку не се опорават. Доколку имате идеја, слободно дајте ми предлог“.

„Дури и да сакам да ја променам формацијата и да играм со петмина во одбрана, тоа е невозможно бидејќи на располагање имам само двајца централни дефанзивци“.

„Една опција е Елмас да игра како десен бек, ќе почекаме и ќе видиме каков ризик да преземеме“.

Така, можно е македонскиот фудбалер да добие нова улога и историски првпат да се појави на позицијата десен бек во дресот на Наполи.


Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *