Синер издоминира против Ѓоковиќ како ретко кога за финале со Алкараз!

by

in

Повредата што Новак Ѓоковиќ ја заработи на крајот од четвртфиналето против Коболи очигледно си го направи своето. Српскиот ас денеска не беше на своето препознатливо ниво, а Јаник Синер знаеше како да го искористи тоа. Италијанецот одигра фантастичен меч и со убедливи 3-0 во сетови обезбеди пласман во финалето, каде ќе се соочи со Карлос Алкараз.

Синер го отвори мечот во силен ритам и уште во третиот гем направи брејк, по што го контролираше текот на сетот и го доби со 6-3. Ѓоковиќ, и покрај обидите, не успеа да влезе во ритам, очигледно ограничен во движењето и со проблеми во речиси сите сегменти од играта, освен сервисот.

Вториот сет донесе уште поголема доминација на Синер. Ѓоковиќ освои само два гема, а италијанскиот тенисер ја зацврсти својата предност со 6-2.

Третиот сет почна надежно за Новак, кој направи брејк и поведе со 2-0, но Синер брзо се врати во игра и со стабилна и агресивна игра го доби сетот со 6-4, ставајќи точка на полуфиналниот дуел.

Со овој триумф Синер се избори за нова шанса за трофеј, додека Ѓоковиќ, за кого овој турнир можеби ќе остане запаметен повеќе по повредата отколку по играта, ќе мора да размислува за следниот предизвик.


Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *