По автобиографијата, легендата на македонскиот фудбал, Дарко Панчев, ќе добие и свој игран филм. Како што пренесува МИА, станува збор за проект кој ќе го раскаже животниот и спортскиот пат на голгетерот кој го обележа златното време на Црвена звезда.
Филмот ќе се реализира во продукција на „Петровски Брадрс“, а зад режисерската палка ќе застане Зоран Петровски – автор со меѓународна кариера, кој последниве дваесет години работи во Бугарија на високобуџетни филмски и рекламни продукции. Сценариото е дело на Ѓорѓе Милиќевиќ, српски сценарист со богато искуство од Њујорк и Лос Анџелес, кој јавноста го памети како еден од авторите на култниот фудбалски филм „Бегство кон победа“ со Силвестер Сталоне.
„Во филмот ќе бидат прикажани сите најинтересни моменти од неговата кариера, но и од животот, неговите лични борби, успеси и падови. Самата филмска приказна треба да ја заинтересира пошироката публика, а не само пасионираните љубители на фудбалот“, пишува МИА.
Зад целата идеја стои и самиот Панчев, кој не ја крие својата поддршка за проектот.
„Мене ми се допадна идејата, ја прифатив и дадов максимална поддршка. Секоја спортска приказна е убава приказна и се надевам дека филмот ќе биде направен како што треба и ќе биде интересен за гледачите. Јас од моја страна колку можам да помогнам во реализација на филмот, сигурно дека ќе се потрудам да помогнам. Екипата е одлична и тоа е гаранција дека филмот ќе биде добар“, изјавил Панчев за МИА.
Очекувањата се дека оваа филмска приказна ќе понуди многу повеќе од класична спортска драма – таа ќе биде емоционална хроника на едно време, на една личност и на еден подвиг кој останува засекогаш врежан во историјата на фудбалот во регионот.
Leave a Reply