Дисциплинската комисија при Фудбалската федерација на Македонија денеска ја соопшти казната за Воска по скандалозното напуштање на натпреварот со Вардар изминатиот викенд во рамки на 28.коло.
Клубот загуби бодови, доби парична казна, а претседателот Нефи Усеини, како и тренерот на тимот се суспендирани на две години.
Воска остана без девет бодови од своето салдо во Првата фудбалска лига, поради напуштање на натпреварот со Вардар во 76-тата минута на стадионот во Охрид при резултат 1-1. Клубот треба да плати и казна од 7.500 евра за напуштањето на натпреварот и слаба организација на истиот.
Претседателот на Воска, Нефи Усеини доби забрана за вршење функција во фудбалот од две години и ќе мора да плати 1.500 евра казна поради тоа што ја повикувал екипата да го напушти натпреварот. Суспензија од две година доби тренерот Арбри Клодиан, а капитенот Агон Хали доби забрана за настап од еден месец.
Воска беше незадоволна од судењето на натпреварот па затоа реши демонстративно да не го доигра дуелот. Вардар ја доби победата со службени 0-3.
Leave a Reply