Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, зборуваше за суспензијата што ја доби поради приговор кон судијата.
„Граѓаните“ успеаја да го елиминираат Њукасл Јунајтед и да се пласираат во четвртфиналето на ФА Купот, но нивниот стратег поради казната ќе мора да пропушти дел од натпреварите.
„Ќе ви кажам нешто – ги држиме сите рекорди во оваа земја, сите. Имаме и рекорд за тренер со најмногу жолти картони. Сакам сите рекорди, а сега го имам и тој. Сега следува суспензија од два натпревари и ќе одам на ‘одмор’ во следните два меча. Има работи што и по 10 години сè уште не можам да ги разберам. Проверете ја ситуацијата“, изјави Гвардиола.
Тренерот на Сити оваа сезона доби шест жолти картони, а особено се осврна на стартот на Киран Трипиер врз Жереми Доку.
„Секако дека ќе го заштитам Доку и целиот мој тим. Тоа беше јасен фаул над Доку. Не барам жолт картон, но тоа беше фаул. Секако дека ќе го бранам мојот тим“, додаде Гвардиола.
Поради суспензијата, шпанскиот тренер нема да седи на клупата на Манчестер Сити во првенствениот натпревар против Вест Хем Јунајтед, како и во следниот меч од четвртфиналето на ФА Купот.

Leave a Reply