Дербито на колото помеѓу Струга и Вардар заврши без победник и со по еден гол на двете страни 1-1.
Натпреварот донесе израмнета борба и по неколку закани на двете страни, но Вардар прв го зададе ударот. По една ситуација пред голот на Талески, кога беше досуден офсајд, скопјани во 13. минута казнија на спротивната страна.
По прецизно изведен корнер, највисоко скокна Матиќ, кој умешно се ослободи од одбраната и со удар со глава ја затресе мрежата. Тоа се покажа како единствениот погодок во првото полувреме, па „црвено-црните“ заминаа на пауза со минимална предност.
Во продолжението, Струга ја презеде иницијативата, додека Вардар се повлече и како да чекаше прилика од контра напади. Притисокот на домашните вроди со плод десетина минути пред крајот. По слободен удар, во мешаницата во шеснаесетникот најснаодлив беше Малески, кој погоди за израмнување.
Овој нерешен исход може најмногу да ѝ одговара на Шкендија, која од втората позиција добива шанса да се доближи на само три бода до Вардар, но и да создаде предност од пет бодови во однос на Струга.

Leave a Reply