Не сакаат скандали: Два клуба одбија да играат против Охрид!

Случувањата околу ГФК Охрид се во фокусот на македонската фудбалска јавност, откако клубот се најде под сериозни сомнежи за нерегуларности на натпреварот против Работнички, загубен со убедливи 8-2.

Сега по информациите кои се појавија во јавност два клуба ги откажаа закажаните дуели со Охриѓани.

Во прашање се второлигашот Новаци и прволигашот Арсими, кои преку официјални соопштенија ја информираа јавноста за своите одлуки.

„Фудбалскиот клуб ФК Новаци ја известува јавноста дека ја откажува пријателската утакмица закажана за 14.02.2026г. против ГФК Охрид, поради сериозни сомнежи поврзани со регуларноста на неодамнешен натпревар одигран од спротивната страна. Настаните од изминатите денови, како и информациите кои излегоа во јавноста, оставаат простор за оправдана загриженост и ја доведуваат во прашање спортската чесност која треба да биде основа на секој фудбалски натпревар.

ФК Новаци нема намера да биде дел од активности или натпревари кои на било кој начин го компромитираат интегритетот на фудбалот, ниту пак да дава легитимитет на практики што се спротивни на принципите на фер-плеј и спортски морал. Во интерес на зачувување на угледот на клубот, нашите играчи, навивачи и пошироката фудбалска јавност, сметаме дека откажувањето на оваа пријателска средба е единствено исправна и одговорна одлука. ФК Новаци ќе продолжи да се залага за чист, чесен и транспарентен фудбал. Со почит, ФК Новаци“

Идентичен принципиелен став зазеде и Арсими од Чегране, кој исто така реши да не го одигра планираниот пријателски натпревар со лидерот во ВМФЛ.

„Фудбалскиот клуб ФК Арсими 1973 ја информира јавноста дека донесе одлука за откажување на пријателскиот натпревар кој беше планиран да се одигра против ГФК Охрид. Оваа одлука е донесена како резултат на појавата и циркулацијата на неодамнешни информации во јавноста, кои се однесуваат на сомнежи поврзани со интегритетот на еден пријателски натпревар одигран од противничкиот тим. Со цел да го зачуваме интегритетот на нашиот клуб, да ги почитуваме принципите на фер-плеј, чесна и транспарентна конкуренција, како и да придонесеме кон стабилноста и кредибилитетот на фудбалот во државата, ФК Арсими 1973 смета дека во вакви околности не е соодветно да се учествува на натпревари кои би можеле да остават простор за сомнеж или погрешна перцепција во јавноста. Ја подржиме Фудбалската Федерација на Македонија која континуирано вложува напори во зачувување на интегритетот, регуларноста и транспарентноста на натпреварувањата, како и во борбата против сите појави што можат да го нарушат угледот на фудбалот. Оваа одлука не претставува обвинување или предвремено донесување заклучоци кон кој било субјект, туку е принципиелен и одговорен став насочен кон заштита на угледот, имиџот и вредностите на нашиот клуб. Ви благодариме на разбирањето. Со почит, ФК Арсими 1973“


Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *