По големото реми на македонската ракометна репрезентација против Португалија (29-29), со своја реакција денеска излезе и претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Александар Стефанов.
Првиот човек на РФМ потенцираше дека освоениот бод има тежина како победа, нагласувајќи ја борбеноста и карактерот што го покажаа избраниците на Лазаров, а воедно порача и дека во дуелот со Романија тимот треба да настапи растеретено и со верба во успех.
„Ова реми е еднакво на победа. Да знаете, ги израдувавте сите Македонци во оваа сала вечерва, а и целата нација. Храбро, машки и борбено. За жал, немавме среќа на крајот, но покажавме дека имаме карактер, дека можеме да се вратиме од „минус пет“ и дека можеме да играме со селекции кои се во ТОП 5 во светот.
Ви честитам и само напред без притисок кон победа против Романија!“, изјави Стефанов.
Македонија утре ја очекува клучниот натпревар против Романија, во кој победата е од огромно значење, а средбата ќе се одигра во истиот термин од 18:00 часот.

Leave a Reply