Митев: Данска е фаворит, наше е да дадеме максимум!

Македонската ракометна селекција веќе е сместена во Данска, каде што ќе ги одигра сите три натпревари од воведната фаза на Европското првенство. По краткиот период за одмор по пристигнувањето, „црвено-жолтите“ денеска влегоа во завршната фаза од подготовките за големиот континентален настап.

Силкеборг е базата во која избраниците на селекторот го темпираат формалниот пик, а целото внимание е насочено кон премиерниот дуел против домаќинот и еден од главните фаворити за титулата – Данска. Во националниот табор владее работна атмосфера, а средниот бек Марко Митев потенцира дека планот се реализира без отстапки и дека пристапот кон првиот меч е јасен – борба до максимум.

„По напорниот пат добивме ден за одмор. Утрово имавме фитнес-тренинг, а вечерва продолжуваме со работа во сала. Европското првенство започнува за три дена и целиот наш фокус е на првиот натпревар со Данска. Тие се фаворити, но наше е да дадеме максимум и да се обидеме да извлечеме добар резултат. Имаме уште неколку дена за тактичка и физичка подготовка и се надевам дека ќе можеме да го испратиме нивниот ритам“, изјави Митев.

Во рамки на финалните подготовки, македонската репрезентација ќе одигра уште еден тест-натпревар против данскиот второлигаш Мидтјиланд, кој ќе послужи како последна проверка пред стартот на шампионатот. Потоа, мислите целосно ќе бидат насочени кон првиот официјален предизвик на ЕП 2026 – дуелот со Данска, кој ќе се одигра во петок во Хернинг.


Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *