Голманот на Пелистер направи аматерски кикс, реми во Битола (Видео)

Дербито од дното на табелата, одиграно денеска во Битола меѓу Пелистер и Македонија Ѓорче Петров, заврши без победник – 1:1.

Двете екипи влегоа во дуелот под голем притисок: битолчани како десеттопласирани, а „лавовите“ една позиција погоре. Иако гостите дојдоа со серија од три порази, а Пелистер конечно врза две победи по првпат сезонава, домаќините сепак важeа за благи фаворити.

Но, на терен сликата беше поинаква. Македонија ЃП поведе во 17. минута преку Пецов, по груба грешка на голманот Јовчевски – ситуација која изгледаше повеќе аматерски отколку прволигашки.

Тоа беше единствениот погодок во првиот дел. Пелистер успеа да се врати во игра по нешто повеќе од час време, кога Булатовиќ ја затресе мрежата.

Во самиот финиш двајцата судии поништија по еден гол на двете страни поради офсајд, па на крајот тимовите мораа да се задоволат со по еден бод.


Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *