Фудбалската федерација на Македонија излезе со став во врска со контроверзниот момент на дуелот меѓу Брера и Башкими, кој заврши со реми благодарение на гол од пенал во последните минути.
Од ФФМ соопштија дека по детална анализа на снимките е утврдено оти имало контакт, но недоволен за досудување најстрога казна. Поради тоа, како што наведуваат од федерацијата, главниот судија добил „негативна оценка“ за својата одлука.
„Сепак, ценејќи го недоволниот интензитет на прекршокот и фактот дека газењето се случува во нормална положба на телото на одбранбениот играч при пад, ВАР-судиите правилно интервенираат и го повикуваат главниот судија на преглед на снимка на терен. Целта е да му го прикажат моментот од кој може да се утврди минималниот интензитет и отсуството на реален импакт од контактот, со можност за промена на првичната одлука.
Согласно ВАР-протоколот, главниот судија е тој што ја носи конечната одлука. Во овој случај тој не го прифаќа советот од ВАР и одлучува да ја задржи првично донесената одлука, пенал, при што прави погрешна проценка на интензитетот и влијанието од газењето.
Поради ваквата погрешна проценка, главниот судија ќе биде негативно оценет од страна на контролорот на судењето“, велат од ФФМ.
Leave a Reply