Македонскиот фудбалер Даниел Аврамовски ќе продолжи со кариерата во Турција, откако денеска беше официјализирано неговото пристигнување во редовите на Сиваспор.
Аврамовски минатата сезона настапуваше за Болуспор, а потоа ја облече и опремата на Игдир, додека претходно во 2021 година беше дел од Кајсериспор. Новиот ангажман во Сиваспор претставува чекор напред, со оглед дека станува збор за клуб со поголеми амбиции.
Во својата кариера офанзивниот играч остави трага и во Вардар, Олимпија Љубљана, Војводина, Црвена звезда, ОФК Белград, Македонија ЃП и Работнички – клубот во кој ги направи првите чекори.
За репрезентацијата на Македонија Аврамовски има осум настапи, а последниот беше во 2021 година против Исланд, во квалификациите за Мундијалот.
Сиваспор новата сезона ја отвори слабо – по четири кола има само едно реми и три порази, па од Аврамовски се очекува да внесе свежина и да ја зголеми продуктивноста во офанзивата.
Leave a Reply