Шкендија денеска сака да го повтори успехот на Вардар

Тетовска Шкендија вечерва во Разград ќе се обиде да го испише најголемиот успех во својата европска историја. На програмата е реваншот од плеј-офот за влез во Лигата на Европа против бугарскиот шампион Лудогорец, а избраниците на Јетон Беќири патуваат со актив од 2-1 од првиот меч во Скопје.

Иако Лудогорец важи за апсолутен фаворит на хартија, Шкендија покажа дека знае да се спротивстави и на многу поскапи и поискусни ривали. Токму со таа самодоверба тетовци излегуваат и вечерва на арената во Разград која собира над 10 илјади гледачи.

„Веќе направивме голем чекор, но мора да останеме гладни за уште повеќе и да веруваме во себе. Фаворит е Лудогорец, но фудбалот знае да изненади и често подобриот на хартија не победува. Ќе влеземе со почит, но и со силна вера во нашите квалитети“, изјави стратегот Беќири пред дуелот.

Доколку Шкендија ја сочува предноста и се избори за место во групната фаза, ќе стане само втор македонски клуб кој играл во Лигата на Европа – по Вардар, кој тоа го направи во 2017 година.

Судбинскиот натпревар во Разград започнува во 19:30 часот.


Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *