Мексико не беше достоен ривал: Македонија победи со 20 голови разлика!

Младата ракометна репрезентација на Македонија конечно им се израдува на првите бодови на Светското првенство, откако во рамки на Президент купот убедливо ја совлада селекцијата на Мексико со 41-21, во меч од разигрувањето за пласман од 17. до 32. место.

Иако Мексиканците го отворија натпреварот со водство од 1-0, тоа беше единствениот момент во кој имаа предност. Избраниците на селекторот Раде Стојановиќ веднаш го презедоа контролата, го наметнаа својот ритам и уште во првото полувреме покажаа кој ќе биде победник – на пауза се замина со високи 21-9.

Доминацијата продолжи и по враќањето на теренот. Нашите младинци не ја намалија концентрацијата, напротив – продолжија со ефикасна и цврста игра, па предноста постојано се зголемуваше до конечни плус 20.

Ова беше прва победа за македонската селекција на мундијалот, по поразите во групната фаза од Фарските Острови, Романија и Исланд, како и неуспехот против Мароко во првиот меч од разигрувањето.


Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *