Втор пораз за младите ракометари: Испуштивме пет гола предност и ги загубивме шансите за втора фаза!

Македонската ракометна репрезентација до 21 година го запиша и вториот пораз на Светското првенство во Полска, откако загуби од Романија со минимални 28-27, иако на полувреме имаше убедлива предност од пет голови.

Избраниците на Раде Стојановиќ одиграа натпревар со две различни лица – првото полувреме беше слика на дисциплина, инспирација и тимска игра, но вториот дел донесе пад во концентрацијата и целосен пресврт.

Македонија доминираше во првиот дел, ја градеше предноста чекор по чекор, а на пауза заминавме со водство од 17-12. Се чинеше дека младите „црвено-жолти“ се на пат кон првата победа, но сценариото во вториот дел доби поинаков тек.

Романците трпеливо ја намалуваа разликата и во самиот финиш успеаа да го свртат резултатот во своја корист. Даниел Станчуич беше нерешлива енигма за нашата одбрана и со дури 13 погодоци беше клучниот играч на натпреварот.

Во македонскиот табор најпрецизен беше Димитар Узунчев со 7 голови, додека Мирче Калајџиески запиша 5. Сепак, нивниот учинок не беше доволен за да се избегне уште еден пораз.

Со овој резултат, Македонија и математички ги изгуби шансите за пласман во следната фаза. По две одиграни кола во групата, Романија води со 4 бода, следат Фарските Острови со 3, Исланд има 1, додека нашите млади ракометари се на последната позиција без освоен бод.


Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *